Print this page

Интегрален говор на претседателот на Адвокатската комора, Лазо Ѓорѓиевски, по повод Денот на македонската адвокатура

17 Јуни 2026

Во продолжение го објавуваме интегралниот говор на претседателот на Адвокатската комора на Република Северна Македонија, адвокат Лазо Ѓорѓиевски, одржан по повод свеченото одбележување на Денот на македонската адвокатура – 16 Јуни.




ПОЧИТУВАНА ПРЕТСЕДАТЕЛКЕ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА,

ПОЧИТУВАН МИНИСТЕР ЗА ПРАВДА,

ПОЧИТУВАН ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СУДСКИОТ СОВЕТ,

ПОЧИТУВАНИ ПРЕТСЕДАТЕЛИ И ПРЕТСТАВНИЦИ НА СУДОВИТЕ,

ПОЧИТУВАН ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА,

ПОЧИТУВАН НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ,

ПОЧИТУВАН ДЕКАН НА ПРАВНИОТ ФАКУЛТЕТ „ЈУСТИНИЈАН ПРВИ“,

ПОЧИТУВАНИ ПРЕТСТАВНИЦИ НА ДРЖАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ, ПРОФЕСИОНАЛНИТЕ КОМОРИ, ДИПЛОМАТСКИОТ КОР, МЕЃУНАРОДНИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ И МЕДИУМИТЕ,

ПОЧИТУВАНИ КОЛЕГИ АДВОКАТИ,

ДАМИ И ГОСПОДА,

ДРАГИ ПРИЈАТЕЛИ,

Вашето присуство денес ни претставува особена чест и силна потврда за значењето што адвокатурата го има во правниот систем и во демократското општество.

Како адвокат, човек често е навикнат да зборува во судница. Но денес чувството е поинакво, затоа што денес не застапувам клиент, туку имам чест да зборувам во име на македонската адвокатура. И токму затоа, особена чест и искрено задоволство ми е што денес, заедно со вас, го одбележуваме 16 Јуни – Денот на македонската адвокатура.

Денешното одбележување не е само свеченост. Ова е ден на почит кон една професија која веќе 81 година стои исправено во одбрана на правото, слободата и достоинството на човекот.

На 16 јуни 1945 година, по предлог на министерот за правда д-р Павел Шатев, Министерскиот совет донел решение за создавање на Скопската адвокатска комора со надлежност за територијата на тогашна Федерална Македонија. Со тој чин бил поставен институционалниот темел на македонската адвокатура – темел врз кој денес стоиме веќе осум децении.

Но овој датум не е само дел од нашата историја. Тој е потсетник на вредностите врз кои е изградена адвокатурата – независност, интегритет, професионалност и храброст секогаш да се застане во одбрана на правото. Адвокатурата никогаш не била само професија. Таа е глас на граѓанинот пред институциите. Гарант на правото на одбрана. Коректив кога системот ќе потфрли. И еден од најважните столбови на владеењето на правото. Адвокатот не е само застапник пред суд. Тој е чувар на правната сигурност и еден од последните бедеми меѓу моќта и граѓанинот. Токму затоа, силата на една држава не се мери само преку институциите што ги има, туку и преку тоа колку е независна, достоинствена и силна нејзината адвокатура.

Почитувани,

Денес не смееме да зборуваме само за минатото. Имаме обврска искрено да погледнеме и кон иднината. Живееме во време на брзи промени, нови технологии, нови правни предизвици и сè поголеми очекувања од институциите. Граѓаните очекуваат правда која е достапна, ефикасна и еднаква за сите. А тоа бара модерна, силна и обединета адвокатура.

Како ново раководство на Комората, свесни сме за одговорноста што ја преземаме, но истовремено веруваме дека токму сега е време адвокатурата уште појасно, погласно и посамоуверено да го заземе своето место во општеството.

Нашата цел е адвокатура која ќе биде:

  • независна во ставовите;
  • достоинствена во постапувањето;
  • современа во функционирањето;
  • блиска до граѓаните.

Адвокатура која ќе ги штити интересите на адвокатите, но истовремено ќе биде активен партнер во градењето на правна држава заснована на владеење на правото, а не на привилегии. Особена чест ни претставува што денес со нас се претставници на сите сегменти на правосудниот систем, академската заедница, државните институции, дипломатскиот кор и меѓународните организации. Вашето присуство е силна потврда дека независната адвокатура е неопходен партнер во функционирањето на секоја демократска држава.

Почитувани,

Секоја генерација има задача да ја сочува професијата што ја наследила – но и да ја направи подобра за оние што доаѓаат после неа. Нашата генерација ја има токму таа обврска. Да изградиме адвокатура која нема да биде само чувар на традицијата, туку и двигател на иднината.Адвокатура која ќе биде современа, обединета и почитувана. Адвокатура која ќе биде гласна кога треба да се брани правото, а достоинствена во секој момент. Затоа денес не го славиме само минатото. Денес испраќаме порака и за иднината. Порака дека македонската адвокатура има знаење, интегритет и капацитет да биде еден од најсилните столбови на правната држава.

Ви благодарам за довербата, за присуството и за поддршката.

Нека е честит 16 Јуни – Денот на македонската адвокатура.