Print this page

ИЗВЕСТУВАЊЕ ДО ЈАВНОСТА

26 Јануари 2026
Адвокатската комора на Република Северна Македонија ја информира јавноста дека со сериозна загриженост ги следи настаните поврзани со јавното таргетирање, стигматизирање и линчување на адвокатите кои постапуваат како бранители во предметот за трагедијата во Кочани.

Изразувањето на револт и незадоволство од трагичните настани е разбирливо, но тоа не смее да премине во притисоци, навреди, закани и јавно обележување на адвокатите поради нивната професионална улога. Таквото постапување претставува директен напад врз адвокатурата како уставно загарантирана дејност и врз правото на одбрана како темелно човеково право.

Укажуваме дека адвокатите не се „страна“ во трагичните настани, ниту носители на одговорност за делата што им се ставаат на товар на обвинетите лица. Нивната улога е да обезбедат законита и правична постапка, во интерес на правдата и владеењето на правото.

Јавното обележување на адвокатите како „виновници“, нивно прикажување на транспаренти, закани, навреди и притисоци претставуваат недозволив обид за заплашување и сериозно ја загрозуваат нивната безбедност, како и нормалното функционирање на судската постапка.

Адвокатската комора јасно и недвосмислено порачува дека притисокот, стигматизацијата и линчувањето на адвокатите се неприфатливи, како и тоа дека секој има право на одбрана без страв и закани.

Апелираме до јавноста за воздржаност, достоинствено однесување и почитување на институционалните механизми за утврдување на одговорноста. Веруваме дека само преку законска постапка, без притисоци и без заплашувања, може да се дојде до вистинска и правична разрешница.

Адвокатската комора ќе продолжи да ја следи состојбата и да ги презема сите потребни чекори за заштита на адвокатите, со цел тие непречено да ја вршат својата професионална должност, во интерес на правдата и владеењето на правото.