
Новите адвокати дадоа свечена заклетва дека должноста ќе ја вршат совесно и дека ќе се придружуваат на Уставот, законодавството, меѓународните договори и актите на Адвокатската комора на Република Северна Македонија.
„Се колнам дека должноста адвокат ќе ја вршам совесно, ќе се придржувам на Уставот, законите, меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, Статутот на Комората, Кодексот на адвокатската етика и дека со сите свои постапки ќе внимавам на угледот на адвокатурата како јавна служба”, гласи свечената адвокатска заклетва.
Претседателот на Адвокатската комора на РСМ, Љубомир Михајловски, на новите адвокати им посака успех од името на Комората и им упати порака да ја штитат адвокатурата и нејзината независност и да го сочуваат својот личен интегритет во борбата за успех.