Print this page

Претседателот на Адвокатската комора оствари работна средба со директорката на Управата за јавни приходи

25 Јуни 2026

На 24.06.2026-та година, претседателот на Адвокатската комора на Република Северна Македонија, адвокат Лазо Ѓорѓиевски оствари средба со директорката на Управата за јавни приходи м-р Елена Петровска, како и со претставници од надлежните даночни сектори и одделенија.

На средбата беа разгледани повеќе прашања од значење за адвокатската дејност со посебен осврт на примената на прописите од областа на фискализацијата, прашањата поврзани со данокот на додадена вредност, блокирани сметки, даночните обврски на адвокатите и практичните предизвици со кои се соочуваат адвокатите во нивното секојдневно работење.

Исто така претставниците на Управата за јавни приходи ги презентираа  тековните активности и планираната динамика и имплементација околу воведувањето на системот на електронско фактурирање (е-Фактура), со кој е предвидена целосна дигитализација и автоматизација на процесите на фактурирање за безготовинските трансакции. Проектот е-Фактура во моментов е сеуште во пилот фаза, а неговата задолжителна примена се очекува до крајот на годината.

Во конструктивна и отворена атмосфера беше истакната потребата од континуирана комуникација и меѓуинституционална соработка со цел унапредување на правната сигурност, поефикасна примена на законските прописи и надминување на прашањата од заеднички интерес.

Учесниците ја потврдија подготвеноста за натамошно продлабочување на соработката меѓу двете институции, при што беше договорено и во иднина да се организираат работни средби, како и обуки а се со цел за разгледување на актуелни теми кои ги засегаат адвокатите и нивното работење.

Адвокатската комора останува посветена на заштитата на интересите на адвокатурата и на унапредувањето на институционалниот дијалог со сите надлежни органи.