Предлозите и коментарите на АКРМ за предложените измени на Законот за нотаријатот

 

АКРМ: Неприфатливо е нотарите да бидат супервизор на уставната категорија адвокатура, а вработените правници да бидат адвокати!

 Извор: AКАДЕМИК / Објавено: 20.11.2017

Ниту една од предложените измени од страна на НКРМ и од Стопанската комора на РМ не е прифатлива за Адвокатската комора на Република Македонија, се вели во текстот на предлозите и коментарите подготвени од работната група на АКРМ упатени до Министерството за правда, а во врска со измените на Законот за нотаријатот. Од Адвокатската комора на РМ потенцираат дека предлозите со кои нелиценцираните правници се изедначуваат со лиценцирани адвокати, кои Уставот ги предвидува како единствена служба која може да дава правна помош, се ширум отворена врата за надриписарство, правен хаос и конечен удар за уништување на адвокатурата. За Комората е неприфатливо нотарите да се ставаат во улога на супервизори на адвокатите и да предлагаат решенија за „пришивање“ на адвокатурата, како што тоа се прави во членот 55. Исклучувањето на адвокатите од оставинските постапки повторно ќе ја врати правната несигурност во постапувањето на нотарите како парасудии во овие постапки. Либерализацијата на нотаријатот е неминовна, истакнуваат од АКРМ во предлозите.

„Најнапред истакнуваме дека учеството и присуството на адвокат во постапките пред нотар воведени со важечкиот Закон за нотаријат оценето е дека се во согласност со Уставот на РМ и дека претставуваат зголемување на правната сигурност на граѓаните. Имено, со Решение на Уставниот суд на РМ број 141/2016-0-0 од 5.7.2017 година не е поведена постапка за оценување на уставноста на член 30 ст.4, член 54 ст.4, член 55 ст.2, член 56 ст.3, член 68 ст.2,3 и  член 147 ст.2 и член 153. ст.7 од Законот за нотаријат“, се вели во текстот на предлозите подготвени од работната група на АКРМ упатени до Министерството за правда.

Потребата од измена на Законот за нотаријатот, нагласуваат од АКРМ, сметаме дека е исклучиво заради натамошна заштита на монополот на нотарите, како затворена група од неполни 200 нотари кои остваруваат енормни приходи.

„Во последните 5 години вкупниот приход е од над 90.000.000 евра, а чист приход од 41.000.000 евра. Оваа околност се потврдува и од Предлог-законот изготвен од НКРМ кој се сведува на целосно исклучување на адвокатите од постапката во сите одредби каде што е воведено и учеството на адвокатите. Од тие причини, ниту една од предложените измени од страна на НКРМ и од Стопанската комора на РМ не е прифатлива за Адвокатската комора на Република Македонија и се оценуваат како нанесување директна штета на адвокатите како професија и уставна категорија која е овластена за давање правна помош“, истакнуваат од АКРМ во упатените предлози до Министерството за правда.

Имајќи предвид дека постапката е веќе започната и во тек е работата на работната група, со цел заштита на адвокатурата и оневозможување натамошно одземање на предметот на работите и јакнењето на правната сигурност, ги даваме следниве:

ПРЕДЛОЗИ ЗА ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА НОТАРИЈАТ

Член 13 се менува и гласи:

  • Бројот на именуваните нотари во Република Македонија не може да се ограничи
  • Службено седиште на нотарот може да биде кое било населено место со најмалку 2000 жители
  • По барање на кандидатот, службено седиште може да се определи и во населено место со помал број жители
  • Секој нотар има службено подрачје на целата територија на Република Македонија.

 Образложение: Либерализацијата на нотаријатот според бројот на нотарите е неминовност и придонесува само кон подобрување на ефикасноста на работењето на нотарите, подобро и поефикасно опслужување на граѓаните и зголемување на квалитетот на работата врз база на слободна конкуренција и право на избор на нотар. Со тоа се зачувува и вистинската улога на нотаријатот, како служба која, пред сè, има за задача заверки на исправи, изјави, потписи и друго.

Досегашниот систем на numerus clausus доведе до создавање на монопол на мала група нотари чии интереси се штитат исклучиво со затвореноста на професијата, за разлика од сите други професии чиешто учество во правниот промет го диктира пазарот. Како еклатантен пример за тоа е адвокатурата во која е отворен влез за сите правници кои ги исполнуваат законските услови и во која работењето и опстојувањето зависат, пред сè, од квалитетот и потребите на граѓаните.

Споредбените примери одат во прилог на натамошна либерализација која во сите држави каде што е воведена доведе до демонополизација и подобрување на услугите (на пример, Полска и др.). Министерството по овој предлог би требало да направи споредбена анализа и тоа не само за европските држави туку вклучително и за САД.

Во член 18 став 1 се додава нова алинеја (ж) која гласи:

(ж)поради вршење на адвокатски дејствија (давање правни совети, состав на приватни исправи, изјави, поднесоци, застапување и др.) од страна на нотарот, заменик нотарот и/или вработените во неговата канцеларија.

 Образложение: Во практичното работење на нотарите е општопознато дека тие преземаат и дејствија на правна помош и тоа давање правни совети, состав на приватни исправи, изјави, поднесоци, застапување и др., било лично, било преку вработени во канцеларијата. Ваквата појава бара санкционирање заради заштита на уставната улога на адвокатурата и предметот на работење на адвокатите, а воедно и заради сузбивање на ваквиот вид надриписарство.

Во член 35 став 2, точката се заменува со запирка и се додаваат следниве зборови:

ниту смее да врши адвокатски дејствија (давање правни совети, состав на приватни исправи, изјави, поднесоци, застапување и др.)“.

 Образложение: Од причините наведени за измената од претходниот член којшто претставува санкција за надриписарско однесување на нотарот, потребно е и во членот 35 измена којашто експлицитно наведува забрана за вршење на адвокатски дејствија од страна на нотар.

Во член 52 се бришат став 3 и став 5.

Образложение: Регулирањето на правните работи за кои е задолжителен нотарски акт исклучиво треба да биде нормирано во Законот за нотаријат, кој е под ингеренции на Министерството за правда и со кој конзистентно треба да се регулираат правниот систем и поставеноста на нотаријатот.

Предвидувањето на задолжителна форма на нотарски акт во повеќе други закони претставува системско нарушување на правната сигурност и поставеноста на нотаријатот и само начин за зголемување на обемот на работа на нотарите и преземање на предметот на работа на адвокатите со воведување на нотарите во уставната позиција на адвокатурата како самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

НЕМИНОВНО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ПРАВДА ВО СМИСЛА НА ПРЕТХОДНОТО ОБРАЗЛОЖЕНИЕ ТРЕБА ДА ПОКРЕНЕ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА ДОГОВОРЕН ЗАЛОГ, ЗАКОНОТ ЗА МЕНИЦА, ЗАКОНОТ ЗА ТРГОВСКИ ДРУШТВА.

Во член 55 став 2, во првата реченица зборот „10.000 евра“ се заменува со „5.000 евра“. Втората реченица се брише.

 Образложение: Намалувањето на лимитот за задолжителност на изработка од страна на адвокат е во интерес на натамошната правна сигурност на граѓаните потврдена од Уставниот суд на РМ. Нема оправдување да се исклучуваат банки, штедилници, давател на финансиски лизинг или осигурително друштво. Правната сигурност на граѓаните треба да биде обезбедена пред сите ентитети.

Во член 56, став 3 зборот „10.000 евра“ се заменува со „5.000 евра“.

 Образложение: Од истите причини како претходниот предлог.

Во однос на предлозите од НКРМ и Стопанска комора на РМ кои се сведуваат на исклучување на адвокатите од постапките, АКРМ истакнува категорично противење и смета дека тоа е само во интерес на натамошна монополизација на нотаријатот и натамошно зголемување на приходите на 197 нотари во Република Македонија, а нанесување натамошни штети на над 2700 адвокати во Република Македонија во чија структура се доминантни млади правници на кои адвокатурата им е единствениот начин на вработување и оформување професија. Сите поединечни предлози се во овој правец.

Предлозите за измени на членот 52 со внесување точка в во ставот 1 други правни работи, изјави за кои со закон е предвидено дека мора да бидат составени во форма на нотарски акт, како и дека нотарот е должен да состави нотарски акт доколку тоа го побараат учесниците во постапката претставуваат предлози со кои, всушност, целосно се дезавуираат сите одредби какви и да ги усвои Министерството за правда за учество на адвокат, бидејќи во другите закони ќе продолжи агресивно преземање на работата на адвокатите, а нотарите ќе имаат бланко оправдување дека странката барала нотарски акт кои околности ниту може да се проверат, ниту пак треба да постои таква опција кога законот е тој што регулира каде нотарскиот акт како форма е применлив.

Предлогот за измена на членот 55 став 1 е, исто така, преземање на целата работа во форма на нотарски акти и отворање врата за исклучување на адвокатите.

Предложената измена од членот 55 со нов став 5, нотарот да ја „пришие“ приватната исправа кон својот нотарски акт ако нашол дека по негова оцена таа не исполнува услови, ја оценуваме како типично однесување на нотарите како монопол врз адвокатурата коишто како супервизори ќе ја „пришијат“ приватната исправа и ќе состават нотарски акт за неколкупати повисок износ. Нотаријатот е супервизор на уставната категорија адвокатура!

Исклучувањето на адвокатите од постапките за платни налози или воведувањето на други полномошници или вработени правници наместо адвокати претставува сигурен пат кон уништување на адвокатската професија за сметка на неколку десетина вработени правници кои треба да се изедначат со адвокати иако немаат лиценци за вршење на адвокатска дејност. Исклучувањето на адвокатите од постапките за платни налози за последица има исклучиво ВРАЌАЊЕ НА ПОСТАПКИТЕ ЗА ПЛАТНИ НАЛОЗИ ВО СУДОВИТЕ.

Исклучувањето на адвокатите од оставинските постапки повторно ќе ја врати правната несигурност во постапувањето на нотарите како парасудии во овие постапки. Во хипотетички таква ситуација последица мора да биде ВРАЌАЊЕ НА ОСТАВИНСКИТЕ ПОСТАПКИ ВО СУДОВИТЕ.

Адреса

ул. Руди Чајевац бр. 1, локал 15, Аеродром, 1000 Скопје

Телефон:     +389 2 3212 452
Emaillawyermk@mba.org.mk

ЖИРО СМЕТКА НА АДВОКАТСКАТА КОМОРА:
300 000 001 142 696
Комерцијална банка АД Скопје

_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _
Информации од јавен карактер 
_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _

Каде се наоѓаме