Преостануваат уште 11 дена за коментирање на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за нотаријат, рокот за коментирање на Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување истече

21 Ноември 2017
Адвокатската комора на РМ ги потсетува своите членови дека останаа само уште 11 дена за коментирање на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за нотаријат објавен веб страницата ЕНЕР  (КЛИКНИ ТУКА). Рокот за коментирање на Законот за извршување, пак, за кој Адвокатската комора на РМ исто така објави повик до членовите на Комората е истечен.  За овој Закон до Комората беше проследен само еден коментар.

Во однос на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за нотаријат досега своите коментари  ги внеле на ЕНЕР или, пак, ги доставиле до Адвокатската комора на РМ, само следните адвокати:

1. AДВОКАТ ПАВЛИНА ЗЕФИЌ

КОМЕНТАР НА ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА НОТАРИЈАТ:

Членот 35 (2) да се доуреди и истиот да гласи

- Секој граѓанин, правно лице како и нотар кој има такви сознанија за друг нотар е должен случајот веднаш да го пријави во Нотарската Комора.

 Членот 57 (3), каде е уредено дека за нотарот постои обврска да ги провери сите податоци за правното лице кое е учесникот во постапката, на денот на составувањето на нотарската исправа, треба да остане во сила бидејќи целта на оваа одредба е да се добие правна сигурност за учесниците во постапката пред нотар. Ова од причина што состојбите особено кај правните лица од ден на ден се менуваат, па неопходно е нотарот да ја утврди моменталната состојба кај правното лице (дали е истото активно, кое е овластено лице, дали постојат или не ограничувања за одговорното лице и сл).

 Членот 153 став 1, да се измени и истиот да гласи

- Нотарот има право на награда за работата и надоместок на трошоците во вршењето на службените дејствија во согласност со Нотарската тарифа која ја донесува министерот по претходно прибавено мислење од Комората и согласност од Владата на Република Македонија.

 Од овој став треба да се избрише дека нотарот има право на надоместок за вршење на работи кои му се доверени од судот, од причина што учесникот/ странката за истото веќе плаќа судска такса која е предуслов за постапување од страна на судовите, па истото треба да важи и за нотарите кога постапуваат како повереници на судот. Тоа е како судовите да имаат право да наплаќаат за секое преземено дејствие покрај платената судска такса.

 2. АДВОКАТ ГЛИГОРИЕ ЌАТОСКИ

КОМЕНТАР НА ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА НОТАРИЈАТ:

во чл.72 од Законот за нотаријат после ст.2 да се додаде нов став: „(3)    Должникот во приговорот може да се повика на неуредност на предлогот за издавање на платен налог. Доколку во судската постапка се утврди дека предлогот со кој е донесено решението за нотарски платен налог било неуредно, судот ќе донесе решение со кое ќе го уважи приговорот на должникот, а решението за нотарски платен налог ќе го укине.“, а ставовите 3 и 4 да бидат став 4 и 5. 

Пречистен членот би изгледал вака:

Член 72

(1)    Должникот може да изјави приговор против решението со кое е издаден нотарски платен налог, како и за одлуката за трошоците.

(2)    Приговорот се поднесува до надлежниот основен суд на чие подрачје се наоѓа седиштето на нотарот кој постапувал по предлогот, преку нотарот кој го донел решението со кое е издаден нотарскиот платен налог, во рок од осум дена сметано од денот на приемот на решението.

(3)    Должникот во приговорот може да се повика на неуредност на предлогот за издавање на платен налог. Доколку во судската постапка се утврди дека предлогот со кој е донесено решението за нотарски платен налог било неуредно, судот ќе донесе решение со кое ќе го уважи приговорот на должникот, а решението за нотарски платен налог ќе го укине.

(4)    Нотарот кај кој е поднесен приговор против нотарскиот платен налог, односно против решението во делот на трошоците, во рок од три дена од денот на поднесениот приговор ќе ги достави списите до надлежниот основен суд на чие подрачје е седиштето на нотарот кој постапувал по предлогот.

(5)    Против решението на судот е дозволена жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението до надлежниот апелационен суд.

КОМЕНТАР: Од досегашната пракса сретнат сум со многу решенија за веродостојни исправи - сега решенија за нотарски платен налог каде при увид во списите од предметот кај нотарот сум констатирал дека предлогот доставен од доверителот е неуреден (немало тековна состојба за правно лице, лична карта за физичко лице, нема наведено електронско сандаче итн. Во повеќе наврати во приговорите сум се повикувал на неуредност на предлогот со кој било донесено решението за платен налог. Овој приговор не ми бил уважуван со образложение дека нотарот во нотарска постака утврдил уреденост на предлогот и дека судот во судска постапка не е овластен да се произнесува по овој приговор. Со додавање на овој нов став воведуваме судска контрола на работата на нотарот во делот на уреденост на предлогот за издавање нотарски платен налог и на овој начин се намалува можноста за залоупотреба на положбата на нотарот при издавање на решенијата за платен налог.


3. АДВОКАТ ВЛАДИМИР КАЦАРСКИ

КОМЕНТАР НА ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА НОТАРИЈАТ:

- Задржување на законското решение за задолжително составување на правни дела над 10.000 евра како и можност за симнување на границата колку може пониско,

- Појаснување дека овие приватни исправи не се само Договори туку и сите останати исправи кои по редот на нештата треба да добијат нотарска заверка,

- Бришење на предлог-одредбата за корекција на приватните исправи составени од адвокати, како и од физички и други правно неуки лица со можност за состав на „нотарски акт во правилна форма“,

- Исклучување или најголемо можно ограничување на правно неуки лица, како и неовластени лица за учество во постапки пред надлежен Нотар,

- Појаснување дека учеството на Адвокат во Оставинска постапка пред Нотар е минимален (фактички непостоечки) трошок кој и онака не ги оптоварува учесниците во оваа постапка;

- Забрана на Нотарите да составуваат судски документи и документи за видот и текот на судските постапки (надри-писарство). Ако сакаат тоа да го работат нека станат адвокати.

- Eксклузивна надлежност на адвокати за состав и заверки на приватни исправи до вредност која не надминува 1.000.000 денари.

4. АДВОКАТ ИВАНА ЈЕВТИЌ

КОМЕНТАР НА ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА НОТАРИЈАТ:

Членот 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за нотаријат со кој што се врши измена на член 26 став 7 кој станува став 6 и со кој што зборот потврдува се заменува со зборот составува е во колизија со одредбите од Законот во кој што е предвидено дека за приватни исправи со вредност над 10.000,00 (сегашно законско решение) задолжително се составуваат од адвокат и содржат адвокатски печат.  Оттука во праксата ќе се јави недоследност на соодветно почитување на законските одредби. Целта на законот беше задолжително вклучување на адвокатите во постапките заради поголема правна сигурност.  Заради тоа сметам дека таквата измена од член 10 не треба да влезе во сила, а со цел соодветно и исто применување на законот во сите правни ситуации.



Измените на Законот за нотаријат се иницирани од Стопанската комора на РМ, а Адвокатската комора преку учеството во Комисијата за изготвување на Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот нотаријатот  оформена од министерот за правда ги даде своите предлози за натамошно зголемување на обемот на работата на адвокатите и задржување на постоечките решенија од Законот за нотаријат или либерализација нотаријатот.

Имајќи предвид дека се работи за прашање од исклучителен интерес за адвокатурата ги повикуваме членовите на Адвокатската комора, како засегната страна, внимателно да го разгледаат предложениот текст на Предлог законот и сите алтернативи и своите коментари и јасни ставови директно да ги внесат на веб страницата на ЕНЕР (КЛИКНИ ТУКА), или, пак, заклучно со 25.11.17 да ги достават до Комората  на меил Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. за понатаму да бидат проследени до Владата на РМ.



>> Предлог-законот со коментари преземете го од линкот подолу.

Адреса

ул. Даме Груев бр. 3 , 1000 Скопје, Македонија

Телефон:     +389 2 3212 452
Факс:           +389 2 3165 409
Emaillawyermk@mba.org.mk

ЖИРО СМЕТКА НА АДВОКАТСКАТА КОМОРА:
300 000 001 142 696
Комерцијална банка АД Скопје

_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _
Информации од јавен карактер
_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _

Каде се наоѓаме