Print this page

Уставниот суд поведе постапка за Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната: „Нарушена е судската независност!“

28 Септември 2017

 

Уставниот суд поведе постапка за Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната. На денешната расправа, уставните судии истакнаа дека со Законот за нарушува принципот на поделба на власта и судската независност. Уставноста на Законот пред Уставниот суд ја оспори адвокатот Христијан Георгиевски.

„Сметаме дека Законот сериозно навлегува во независноста на судската власт и го нарушува начелото на поделба на власта. Со Законот постои мешање на законодавната и судската власт која треба да е независна. Исто така, законот е спротивен на законски предвидената слободна оценка на доказите и судиското убедување. Со овој закон се формализира слободното судиско убедување и не се води грижа за индивидуализацијата на казната“, истакна во својот реферат уставната судијка Наташа Габер-Дамјановска.

Содржинските решенија во Законот, нагласи судијката Габер-Дамјановска, не се во согласност со Уставот на Република Македонија и владеењето на правото. Во својот реферат, судијката упати и на анализата на универзитетските професори по кривично право, Гордана Бужаровска и Лазар Нанев, кои образложуваат дека Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната е противуставен и дека мора итно да се укине.

„Сметам дека законодавецот со овој закон не ја постигна целта и дека овој закон е во спротивност со повеќе уредби од Уставот на Република Македонија, а сметам и дека со овој оспорен закон е повредено начелото на владеење на правото“, истакна уставната судијка Вангелина Маркудова.

„Со овој закон се сакаше да се направат позитивни работи, но се направија работи кои не се добри ниту за обвинети, ниту за судии, ниту за адвокати, ниту за обвинители. Ова е противуставен закон. Моето мислење уште кога го видов законот е дека тој е противуставен. Секогаш во кривичното право судијата суди врз основа на своето слободно судиско убедување“, рече претседателот на Уставниот суд, Никола Ивановски.

„Донесувањето на овој закон имаше предисторија со правилник, па се виде дека не ја бидува таа работа, па се отиде на решение со закон што уште повеќе ја искомплицира работата. Се сеќавам, професорот Марјановиќ ми кажуваше за еден случај на испит, му дошол студент, кој бил неизбричен и лежерно облечен. Професорот Марјановиќ го прашал студентот, каде си дошол ти? Студентот му одговорил – на испит да полагам. На тоа професорот му посочил дека треба да дојде со пристоен изглед на испит. Ама, професоре, јас дојдов да полагам, не дојдов на театарска претстава. Па така, убедувајќи го професорот, студентот полагал и покажал извонредно знаење. Добил десетка. Затоа ви велам дека преку овој пример, секоја индивидуа, секој обвинет е приказна за себе. Судијата секогаш треба да процени“, истакна судијката Гзиме Старова.

За судијата Владимир, пак, спорна е комисијата во Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната. Законодавниот дом не може да формира комисија која ќе се меша во судската власт.

„Сметам дека Законот е проблематичен од уставно-правен аспект. Законот е спротивен на уставните судски начела, како и на поставеноста на Врховниот суд“, нагласи уставниот судија Сали Мурати.

Подносител на Иницијативата за оцена на уставноста на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната е адвокатот Христијан Георгиевски, кој во Иницијативата наведува дека оспорениот Закон не е во согласност со Уставот на Република Македонија ниту со другите закони кои ја регулираат оваа проблематика, поточно кривичната област на законодавството, односно дека не соодветствува во совршена правна кохезија и целина со правниот поредок на Република Македонија.

Иако интенцијата на законодавецот, додава адвокатот, била полесно имплементирање на Законот за кривичната постапка, како и олеснување на спогодувањето меѓу обвинителите и обвинетите за висината на кривичната санкција, сметаме дека со него се врши категоризација на кривичните дела и се определуваат нивоа на кривичните дела, како и нови распони на минимални и максимални казни во рамките на новововедените категории, а тоа е можно само со Кривичниот законик.

Со законот, посочува адвокатот, се негира принципот на слободно судиско уверување и се уназадува одмерувањето на казните како суверено и самостојно подрачје на самите судии, а особено имајќи предвид дека постојат решенија кои се во колизија со овој закон и со Кривичниот законик.

Извор: АКАДЕМИК / Објавено: 28.09.2017