Практична обука за Законот за кривичната постапка одржана во Битола

24 Јули 2017
Аспектот на практичната примена на Законот за кривичната постапка, како и предлози за надминување на проблемите на овој Закон со кои се соочува одбраната беа во фокусот на дводневната обука што во организација на Адвокатската комора на РМ на 19 и 20 јули се одржа во Битола.

Претседателот на Адвокатската комора на РМ, г. Никола Додевски, во своето воведно обраќање истакна дека практиката не го оправдала концептот на новиот Закон за кривичната постапка и дека се неопходни измени со цел подобрување на позицијата на одбраната и осигурување на ефективна одбрана на клиентите на адвокатите. 


„Моето лично искуство, како и и коментарите на колегите за ЗКП можам да ги резимирам со следното: воодушевувањето од воведувањето на странечката постапка во Република Македонија беше многу поголемо пред да започне нејзината примена, отколку што е сега - три години и повеќе  после таа примена. Јас сум должен да кажам дека практиката за жал не го оправдува добриот концепт којшто ние го прифативме со отворени раце  - не заради тоа што концептот не е добар, туку заради тоа што се' уште на основа нашето опкружување, нашето историско искуство во примената на кривичната постапка, како и на основа на менталитетот што долги години е граден и кај обвинителите како странки, кои сега конечно се во вистинска смисла странки, но особено кај судиите е таков да многу тешко ги трпи промените кои што овој Закон ги бара. Се надеваме дека сето тоа со подобрување на законскиот текст, но и со промена на менталитетот и со разбирање на системот, понатаму ќе ни го зголеми повторно оптимизмот во примената на Законот. Но, и оваа обука е дел од она што сакаме да го направиме, имено да ги поентираме сите слабости и да направиме обид да го подобриме законскиот текст, но  и да ги отстраниме слабостите, не само како текст, туку и како различни толкувања на законот  и како празнини кои можеби оставаат простор за толкувања. Од искуството кое претходеше на примената на Законот можам да ви кажам дека дека за подобрување на законскиот текст беше оформена работна група  која повеќе од четири месеци работеше на измените на ЗКП. Во таа работна група, како претставници на Адвокатската комора на РМ бевме вклучени јас и колегата Дељо Кадиев и навистина направивме максимум со нашето стопроцентно присуство и активност на сите состаноци и по наше видување направивме добар текст кој беше обемен, опфати можеби повеќе од  150 члена од ЗКП,  кој требаше да придонесе за подобрувања во интерес на одбраната. Но, како што за жал се случува, дали често или ретко не знам, немам статистики бидејќи не сум човек кој премногу често учествувал во изработки на закон, за жал текстот заврши во некоја фиока и не го виде светлото на денот ниту на стартот на примената на законот, ниту денеска, три години по примената, а сметам дека ќе бевме во многу поразлична позиција доколку тие измени стапеа на сила. Причината може и не треба да ви ја кажувам, но сум должен да кажам дека по мое длабоко уверување, коешто не беше ни криено во натамошниот тек  на постапката, е незадоволството на обвинителството од премногу измени во корист на одбраната. Поради тоа се оформи некоја друга работна група од обвинителството и тогаш веќе работите изгубија и континуитет и суштинска смисла. И главната работна група која го подготвуваше законот, во која не знам од која причина ние не бевме дел, и тие ги согледаа дефектите на Законот, но заврши така како што заврши. Но, никогаш не е доцна и затоа сме и денес тука - да видиме што е она што треба да го направиме за подобрување на позицијата на одбраната и осигурување на ефективна одбрана на нашите клиенти“, истакна претседателот на Адвокатската комора на РМ, г. Додевски. 


Предавачи на обуката беа г. Љубомир Михајловски, адвокат од Скопје и г. Никола Главинче, адвокат од Битола и претседател на Адвокатската заедница Битола. Тие во своето предавање се осврнаа на најважните новини во кривичната постапка, по што беше спроведена симулација на главна расправа, а адвокатите низ дискусија ги акцентираа проблеми со кои се соочуваат во реалноста при практичната примена на Законот за кривичната постапка. Генерален заклучок од обуката е дека кривичната постапка ќе ја оствари својата цел единствено ако се обезбеди вистинска еднаквост на оружјата на странките во постапката и заради тоа нужно е да се поддржи адвокатурата со цел вистински да почне да функционира акузаторниот систем.

Обуката беше спроведена во рамки на едногодишниот проект „Обука на адвокатите на одбраната за новиот Закон за кривичната постапка и на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната“ кој Адвокатската комора на РМ го спроведува во соработка и со финансиска поддршка на Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите (ИНЛ) при Амбасадата на САД во Скопје.

Адреса

ул. Руди Чајевац бр. 1, локал 15, Аеродром, 1000 Скопје

Телефон:     +389 2 3212 452
Emaillawyermk@mba.org.mk

ЖИРО СМЕТКА НА АДВОКАТСКАТА КОМОРА:
300 000 001 142 696
Комерцијална банка АД Скопје

_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _
Информации од јавен карактер 
_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _

Каде се наоѓаме