КОНФЕРЕНЦИЈА „РЕФОРМА НА КРИВИЧНОТО ПРОЦЕСНО ЗАКОНОДАВСТВО“: Супер моќен обвинител и слаба одбрана не претставува применлив адверсијален систем

07 Јули 2016
Адвокатските комори на Македонија, Србија, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина, како и претставници на државните органи, меѓународните организации, граѓанското општество и правни професионалци на завршната конференција „Реформа на кривичното процесно законодавство“, која  на 06.07.2016, се одржа во Скопје, разменија мислења за достигнувањата и предизвиците произлезени од реформите на кривичното законодавство на Западен Балкан и ги сумираа резултатите од истоимениот проект.

Конференцијата со поздравни говори беше отворена од страна на претседателите на адвокатските комори кои порачаа дека досегашните истражувања и  резултати  од проектот покажале дека во петте држави одбраната се соочува идентична нерамноправност во однос на другата страна во кривичната постапка и нееднаквост на оружјето, како основен принцип на правото на фер судење, и од аспект практиката и од аспект на законската поставеност. Ова, како што беше посочено, наметнува неминовна измена на законите за кривична постапка, но и на практиката при нивната имплементација во сите пет држави.



Според претседателот на Адвокатската комора на Република Македонија (АКРМ), Никола Додевски, со отпочнувањето на примената на новиот Закон за кривичната постапка во Македонија, адвокатите најдобро ги воочуваат слабостите бидејќи се ставени во нефер позиција. Повикувајќи се на искуствата на адвокатската фела, тој истакна дека стариот Закон за кривична постапка е подобар за одбраната и за адвокатите, а дека новиот Закон за кривична постапка се покажал како лош експеримент во однос на одбраната. 

Како дел од негативностите тој ги посочи краткиот период за подготовка на одбраната да поднесе исправи или други докази од приемот на известувањето на јавниот обвинител за завршување на истражната постапка, како и немањето пристап до докази за време на истрагата. 

„Не можете да спроведувате истрага, а одбраната да не знае ништо, дури да не знае ни дека се води истрага, а кога ќе дознае да и кажете дека немате право да ги видите доказите коишто се собрани против обвинетиот, или, пак, да се направи вештачење, а од медиумите да слушнете дека за тој предмет е направено вештачење”, рече Додевски.

Принципот на еднаквост на оружјата мора да се почитува, акцентираше и претседателот на Адвокатската Комора на Република Србија, Драгољуб Ѓорѓевиќ. Тој нагласи дека заложбите за адвокатите да ја добијат вистинската положба во правосудниот систем и во кривичноправниот систем не подразбираат само доследно почитување на нивната суштинска улога како одбрана, туку и почитување на корпусот на човековите права, а со тоа и на правната сигурност и на правичноста.



Арбен Лена од Адвокатската комора на Албанија истакна дека оваа конференција доаѓа во вистинско време, кога Албанија е во фаза на реформа на правосудниот систем и законодавството, вклучувајќи го и Законот за кривична постапка.

„Би сакал да го користам терминот институција, а не комора на адвокати, бидејќи навистина се работи за  институции кои се грижат за правата на адвокатите и оттука се прва институција која се соочува со заштита на правата и слободите на обвинетите”, рече Лена.

И Oсман Хаволи, претседател на Адвокатската комора на Косово, истакна дека адвокатот мора да има право на увид во сите списи и докази на предметот.

Елизабет Гивенс од Американската адвокатска комора и програмски директор на Балканската регионална мрежа за владеење на правото (БРРЛН) изрази надеж дека проектот ќе вроди со отворање на дијалог за неопходните промени во кривичното процесно законодавство на земјите во регионот.

Резултатите од проектот, вклучувајќи го и Извештајот за состојбата на одбраната во системите на кривичната правда во регионот беа презентирани од Југослав Тинтор,  генерален секретар на Адвокатска комора на Србија, Јордан Дачи од Адвокатска комора на Албанија и Дељо Кадиев од Адвокатска комора на Македонија.

Извештајот претставува единствен преглед на законските рамки, на примерите на проблематични практики кои ги загрозуваат правата на обвинетиот, како и на позицијата на бранителот во рамките на кривичната постапка во регионот. Во извештајот се детектираат десет заеднички проблеми поврзани со правата на обвинетите и на одбраната во сите земји вклучени во проектот. Како дел од проблемите, во извештајот се нагласувааат - важноста на правото на одбрана да спроведе сопствена истрага, право на пристап до списите и доказите, како и соодветна имплементација на адверсијалните принципи на кривичната постапка со цел постигнување на еднаквост на оружјата помеѓу страните. Извештајот исто така содржи конкретни препораки за изменување и дополнување на законите и практиката во кривичните постапки во регионот.



Во рамки на Конференцијата беше организирана и панел дискусија на тема „Иднината на кривичното законодавство во регионот – перспективи и предизвици“.  Во улога на панелисти своите искуства и препораки ги пренесоа Салвадор Гуереро од Советот на адвокатски комори и правни здруженија (CCBE)Резарта Шуц, раководител Одделот за владеење на право при мисијата на ОБСЕ во Скопје, Александар Поповиќ, од Адвокатска комора на Србија и  Сања Алексиќ, адвокат, претставник на Адвокатска комора на Македонија. Супер моќен обвинител и слаба одбрана не претставува солиден или воопшто применлив адверсијален систем е еден од заклучоците кои произлегоа од панел дискусијата.

Конференцијата беше затворена од страна на претседателот на АКРМ, Никола Додевски, кој истакна дека фактот што пет адвокатски комори дошле до идентични заклучоци најдобро зборува за ургентноста на состојбата во која се наоѓа одбраната и адвокатурата во овие пет држави. 

„Сметам дека конечно треба да се смени менталниот код - дека адвокатурата треба да биде само форма, дека треба дел од некаква претстава која однапред го знае  својот крај. За адвокатурата не е важно кој и е клиент, за адвокатурата не е важно кој клиент колку пари има, за адвокатурата е важно правото на одбрана да е заштитено. Не поаѓаме од парцијални интереси, поаѓаме од тоа што во иднина треба да им служи на повеќе генерации и е во интерес на навистина ефективна одбрана“, резимираше претседателот на АКРМ, изразувајќи желба за идна соработка и порака до сите сојузници и партнери на адвокатурата да ја дадат својата поддршка со цел препораките и резултатите од проектот да станат дел од легислативата на секоја држава одделно.

Конференцијата беше организирана како завршен настан на проектот „Реформа кривичното процесно законодавство“, кој претставува прва проектна иницијатива имплементирана во партнерство помеѓу Адвокатската комора на Република Македонија, Адвокатската комора на Србија, Адвокатската комора на Албанија, Адвокатската комора на Косово, Адвокатската комора на Федерацијата Босна и Херцеговина  и невладината организација „Партнери за демократски промени Србија“.

Проектот „Реформа кривичното процесно законодавство“ е поддржан од Балканската регионална мрежа за владеење на правото (BRRLN), која ги промовира владеењето на правото преку градење механизми со цел да им овозможи на адвокатските комори и граѓанските организации од регионот да соработуваат и да споделат знаења и најдобри практики. Мрежата се имплементира од Американската адвокатска комора - Иницијативата за владеење на правото, со поддршка на Агенцијата на Соединетите Американски Држави за меѓународен развој (УСАИД). 



Адреса

ул. Руди Чајевац бр. 1, локал 15, Аеродром, 1000 Скопје

Телефон:     +389 2 3212 452
Emaillawyermk@mba.org.mk

ЖИРО СМЕТКА НА АДВОКАТСКАТА КОМОРА:
300 000 001 142 696
Комерцијална банка АД Скопје

_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _
Информации од јавен карактер 
_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _

Каде се наоѓаме