За АКРМ

Адвокатската комора  на Република Македонија е професионална организација на адвокатите. 

Историјата на македонската адвокатура е заснована врз исклучителниот ентузијазам и врз борбата за општествена правда, човекови права и слободи. Континуитетот на македонската адвокатура низ различните времиња на своето етаблирање секогаш се засновал врз идеите за заштита на правата и слободите, вредност што и во иднина мора да претставува водилка кон која ќе се стремат заштитниците на човековите права.

Во историскиот развој на македонската адвокатура, уште во предасномскиот период, запишани се имињата на голем број адвокати од Македонија чии дела се вградени во изградбата на македонската држава и адвокатура. Во НОВ, покрај херојската смрт на Васил Антевски-Дрен, храбро ќе загинат Рампо Лефков-Лефката, Никола Христо Тодоровски, Коле Канински, Јосиф Христовски-Ѕвонарот, Јосиф Јосифовски-Свештарот и други.

Функцијата прв пoвeрeник за правосудство на Македонија ја извршува охридскиот адвокат Петре Пирузе-Мајски во периодот од 1944 до 1945,  кој дава исклучителен придонес за втемелувањето на македонскиот правосуден систем и адвокатура и чиј потпис, како министер повереник за правда, на 7 декември 1944 година стои на решението на Президиумот на АСНОМ, со кое се регулира привремениот статус на Адвокатската комора.

Од 14 до 16 април 1945 година во Скопје беше одржано Третото заседание на АСНОМ, а на 16 април 1945 година е избрана првата македонска влада во чиј состав адвокатот д-р Павел Шатев е именуван за министер за правосудство. По предлог на министерот за правосудство, д-р Павел Шатев, Министерскиот совет на заседанието одржано на 16 јуни 1945 година, во согласност со член 13 од Повелбата за устројство на редовните судови во Федерална Македонија, а во врска со актот бр. 263 од 21 мај 1945 година на Сојузното министерство на правосудство, донесе решение за создавање на Скопската адвокатска комора со надлежност за територијата на Федерална Македонија. Решението е потпишано од д-р Павел Шатев, министер за правда, и Лазар Колишевски, претседател на Македонската федерална влада. Во Скопската адвокатска комора како делегат се назначува Ратко Анастасов, чиновник при Министерството за правда. Делегатот Ратко Анастасов со наведеното решение бил задолжен да ја спроведе постапката за укинување на Скопскиот адвокатски совет, да го устрои Именикот на адвокатите и адвокатските кандидати, да води контрола над адвокатската работа, да подготви привремен буџет и правилник за неговото спроведување и запишување на сите лица што го стекнале правото на адвокат и адвокатски кандидат до ослободувањето на Македонија.

Основачкото собрание на Скопската адвокатската комора се одржа на 28 јануари 1951 година, по донесено претходно решение на министерот за правосудство, адвокат Благој Левков. Собранието се одржа во салата на Окружниот суд Скопје. На собранието за претседател се избира Ѓорѓи Хаџи Манев од Велес, а за секретар Александар Стрезоски од Скопје. Во наредниот период до осамостојувањето на македонската држава за претседатели на Адвокатската комора ќе бидат избрани: Јанко Дика, Панта Поленак, Трајко Јовев, Сотир Главинче, Бранко Јосифовски, Трпко Ристовски, Иван Андонов, Илија Марков, м-р Кирил Божинов, Рафаил Черепналковски и Никола Кајчевски.

Адвокатите и адвокатската организација - комора покрај идеолошки проблеми што се наметнуваат во македонското општество, сепак претставуваат знаменосец во борбата за човековите права и слободи и демократизација на државата. Како што е познато на 8 јануари 1991 година се конституира првиот повеќепартиски македонски парламент. Петтата седница на парламентот се одржа на 27 јануари, г. Киро Глигоров како кандидат на Сојузот на комунистите на Македонија - партија за демократска преобразба (СКМ-ПДП) е избран за претседател на Република Македонија. Во јавноста, малку е познато дека Глигоров по професија е адвокат.

Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 17 ноември 1991 година го донесе првиот Устав на независната македонска држава. Во Уставот, меѓу другото, во главата Втора - Основни слободи и права на човекот и граѓанинот, уставотворецот, имајќи ја предвид важноста на адвокатурата, поконкретно во членот 53 се дефинира: адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со законот.

Во периодот на осамостојување на македонската држава претседатели на Адвокатската комора на Република Македонија ќе бидат: Јордан Дескоски, Славко Петров, Милорад Мартиновски, Ненад Јаниќевиќ и Никола Додевски.

Во самостојната и независна македонска држава се донесува првиот Закон за адвокатура во Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 16 декември 1992 година. Адвокатите незадоволни од статусот во општеството протестираат. Најпрво би го споменале протестот одржан на 1 јуни 1989 година, кога тие ќе стапат во штрајк и јавноста ќе ја запознаат преку весникот „Нова Македонија“. На 6 април 1994 година адвокатите повторно протестираат со штрајк врз основа на одлуката што ја донесе Адвокатската комора на Република Македонија од причини што се наруши нивната независност и индивидуалност и се допушта и толерира надриписарството. Штрајкот го најави претседателот на комората Јордан Десковски, кој објасни дека таа одлука се темели на она што е договорено на вонредното собрание на 26 март. Следува уште еден штрајк од 12 до 13 мај 1994 година, кој е ставен во мирување. На страниците на дневниот весник „Нова Македонија“ ќе се обележи штрајкот со насловите: Тврди адвокати, Некоординирана влада, Од денес граѓаните без правна заштита? - Адвокатите штрајкуваат! Таквиот протест ќе биде пренесен и на страниците на весникот „Вечер“. Штрајк започнува и на 1 јули 2002 година. Одново пред Собранието на Република Македонија се донесува Закон за адвокатурата на седницата одржана на 15 јули 2002 година.

Во овој закон се определува дека адвокатската дејност ја вршат исклучиво адвокати и дека можат да ја вршат тие како поединци или во адвокатски друштва. Во законот се утврдува и давање свечена изјава на адвокатите, кои се запишуваат во Именикот на адвокатите. Првпат се добива адвокатска легитимација. Претставниците на Адвокатската комора на Република Македонија прават долгогодишни напори за вклучување на адвокатурата во меѓународните организации, каде што ќе се воспостави соработка и размена на заемното искуство во давање правна помош. Адвокатската комора на Македонија, денеска е дел од семејството на Советот на адвокатски комори и правни здруженија на Европа (CCBE). Тело, кое ги застапува интересите на повеќе од еден милион адвокати во Европа. Значењето и корисноста од членувањето на нашата комора во Советот, особено се огледа преку учеството во активностите  на Си-си-Би –И и ПЕКО Комитетот, кој има за цел промовирање на владеење на правото, како и поддршка на процесот на правни реформи во Централна и Источна Европа. 

Адвокатурата како самостојна и независна јавна служба секогаш ќе се бори за заштита на човековите права и слободи на рамниште на европските стандарди и светските стандарди, како и за прогресивно демократско општество.  Како Адвокатска комора имаме обврска да ги  водиме  напред своите членови и да се залагаме за модерна и современа адвокатура која што ќе овозможи адекватна и стручна правна помош. Несебично го градиме и надградуваме правниот систем на земјава со цел уште поголема заштита на човековите права и слободи, зацврстување на правната држава и почитување на принципот на владеење на правото како темелна вредност.



Адреса

ул. Даме Груев бр. 3 , 1000 Скопје, Македонија

Телефон:     +389 2 3212 452
Факс:           +389 2 3165 409
Emaillawyermk@mba.org.mk

ЖИРО СМЕТКА НА АДВОКАТСКАТА КОМОРА:
300 000 001 142 696
Комерцијална банка АД Скопје

_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _
Информации од јавен карактер
_ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _ _

Каде се наоѓаме